22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Битола: Државнички и одговорно се справуваме со кризата, ВМРО ДПМНЕ да престане со блокадите на законите важни за граѓаните

На првата од серијата граѓански трибини “Силно и одлучно кон иднината”, што денеска се одржа во Битола, претседателот Димитар Ковачевски ги презентираше мерките за справување со енергетската криза и идните политики за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.

„Ги активираме сите расположливи капацитети за да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се намали зависноста од увоз.Започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана која ќе произведува струја за над 5.500 македонски семејства или електрана со моќност од 17 Мега вати, која што од македонско сонце ќе произведува електрична енергија во поголем капацитет од она што го трошат сите основни и средни училишта во државата.Многу скоро ќе започне со работа и третиот блок на РЕК, а во функција се става и рудникот за јаглен во Живојно“, рече претседателот Ковачевски.

При тоа Ковачевски додаде дека континуирано се водат разговори со сите држави кои можат да помогнат за навремено снабдување со енергенси.

„Целиот регион го посетив, разговарав со сите премиери и претседатели на држави и со државнички политики можам да кажам дека обезбедивме гас за училиштата и болниците. Последна потврда е постигнатиот договор со Република Србија, кој не се иззема од забраната за извоз на природен гас.Преку политиките на добрососедство, во рамки на иницијативата Отворен Балкан, обезбеден е компресиран гас за потребите на училиштата и болниците во многу градови низ државата“, изјави Ковачевски.

На граѓанската трибина Ковачевски потенцираше дека и во услови на криза ВМРО ДПМНЕ продолжува да шири дезинформации и паника кај граѓаните.

„Не се точни лагите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги затворале ТЕЦ Неготино или РЕК Битола, тоа е дел од нивната политичка матрица на постојано ширење невистини. Тие се учени парите од Буџетот да завршуваат во нивните џебови, во нивниот бел дворец. Тоа го гледаме и сега, кога предводат најголем дел од општините, вклучувајќки ја и Битола. Самите гледате дека овде во Битола нема ниту еден нов проект, се доврши нешто од претходната градоначалничка од редовите на СДСМ и сега гледаме стагнација и безидејност. Тендери, провизии, раце во мед, само тоа ги интересира ВМРО-ДПМНЕ и нивниот шпицен градоначалник.“

На граѓанската трибина Ковачевски посочи дека струја ќе има доволно и постојано за целиот период од кризата. При тоа потенцираше дека Владата ја субвенционира цената на електричната енергија за 80 отсто за над 600.000 домаќинства и за над 72.000 компании и тоа ќе продолжи и понатаму. Покрај тоа, цената на струјата за домаќинствата и натаму е со повластена стапка од пет отсто, наместо 18 отсто како што беше претходно.

„Тоа почитувани е одговорен, државнички пристап во време на светска економска и енергетска криза. Тоа е дијаметрално различен пристап од пристапот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кој гласи: кочење и блокади. Јавноста треба да знае дека во ек на светска криза ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се уште кочи 50-тина закони важни за државата, за граѓаните, за економијата, за енергетиката. 100 милиони евра финансиска поддршка за АД ЕСМ, кочи ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, се кочат и други законски решенија кои значат поддршка за граѓаните. СДСМ е одговорна и државотворна партија, но во македонското Собрание треба сите да работат во интерес на граѓаните. Блокадите не му носат добро на никого“. Порача претседателот на СДСМ Ковачевски од граѓанскта трибина “Силно и одлучно кон иднината”.