“Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска е консолидирана партија која повторно е на победничките патеки. партија која успешно менаџира со политичките процеси во земјава, но и со кризата во еден мошне тежок период за целиот свет а не само на нас“, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачвески, на денешната граѓанската трибина “Силно и одлучно кон иднината”, што се одржа во Битола.
Ковачевски потенцираше дека за разлика од европскиот концепт на СДСМ за развој на државата, опозициската ВМРО ДПМНЕ се занимава со политичка дестабилизација, создавање ново парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, рушење на Владата и враќање на земјата назад, во едно минато време на неизвесност.
„Тоа успеавме да го спречиме. Денеска не само што нема ново парламентарно мнозинство туку имаме зголемено парламентарно мнозинство предводено од СДСМ. Исклучително важна е победата на вонредните локални избори за СДСМ. Во двете општини каде што имаше избор за градоначалник, Маврово Ростуше и Центар Жупа победија кандидатите на СДСМ и коалицијата, а во третата општина каде што се избираа претставници на општинскиот Совет, СДСМ го задржа истиот сооднос на советници“, изјави Ковачвески.
На граѓанската трибина “Силно и одлучно кон иднината“, Ковачевски потенцираше дека клучот за успех и развој на државата е заеднишвото и политики исклучиво во интерес на граѓаните.
“Кога се кандидирав за претседател на СДСМ една од моите пораки беше заедништвото и сплотеноста. Гледате сега дека тоа е клучот за успехот, заеднички, сплотено и посветено. СДСМ повторно е на победничките патеки и целосно консолидирана. Почнавме преговори со ЕУ, со заштитен македонски идентитет, сите политички прашања крупни се затворени“, нагласи Ковачевски.
При тоа Ковачевски потенцираше дека СДСМ е државотворна партија, секогаш на вистинската страна и во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за Европска Македонија.
“Изборите ќе бидат редовни во 2024 година. На тие избори, ќе се судрат два концепти, едниот предводен од мене, којшто е проевропски концепт, кој значи членство во ЕУ со заштитен македонски идентитет, горди граѓани со сигурна иднина и побогати.Вториот е предводен од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кој значи враќање назад во неизвесност и во изолација.Јас сум решен и одлучен и ви велам дека ќе успееме. Во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за eвропска Македонија. Следната политичка борба на оваа наша генерација е битката за Европска Македонија, која повторно ја предводиме ние од СДСМ“, порача Ковачевски и додаде дека наата македонска иднина е европската, иднина на модерно, економски развиено општество со еднакви шанси за сите.