Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Полска, денеска во Варшава оствари средба со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки.
На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека постои солидна основа за натамошен развој и унапредување на досегашната економска соработка.
Претседателот Пендаровски истакна дека Република Полска е важен партнер на Република Северна Македонија во НАТО алијансата и еден од најгласните поддржувачи на аспирациите за членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски изрази благодарност за досегашната поддршка и изрази очекување таа да продолжи, додавајќи дека полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ.
На средбата беше разговарано за актуелните состојби во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина, енергетските и економските предизвици во Европа и за механизмите за нивно надминување.