23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

Костадинов: Механизмите на Отворен Балкан обезбедија компресиран гас од Србија за Струмица, обезбедени се училиштата, градинките, болниците…

Фејсбук статус на Коста Костадинов, градоначалник на Струмица:

Упатувам огромна благодарност до Владата на Република Србија за одлуката за изземање на Северна Македонија од забраната за извоз на гас. Упатувам благодарност и до македонската Влада, до премиерот Ковачевски и до претседателот на Република Србија, Вучиќ, што со нивните иницијативи и поддршки овозможуваат вакви регионални соработки.

Конкретно за Струмица ова значи можност за обезбедување компресиран гас по поволни услови, енергенс со кој се затоплуваат круцијални општествени објекти во градот како што се градинките, училиштата, болниците, јавните установи и секако, дел од домаќинствата и фирмите.

Оваа поддршка е резултат на механизмите за помош и поддршка во кризни ситуации создадени од Отворен Балкан, иницијатива која уште еднаш покажува конкретни резултати за добробит на граѓаните.

Ги охрабрувам сите колеги градоначалници уште поинтензивно да работат во правец на проектирање и реализација на гасоводни мрежи кои во вакви кризни моменти имаат круцијално значење.

Со гасификацијата Струмица стана модерен град кој денес ги надминува границите на просечното, град кој денес брза напред кон повеќе зеленило, обновливи извори на енергија, електричен јавен превоз и дигитализација на услугите.