Следната одлука е за компаниите кои се на слободен пазар и прехранбената индустрија
Вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју за 24Инфо вели дека Владата успешно менаџира во услови на кризата, спроведувајќи голем број мерки, а најави и наредни мерки.
Владата претстави план за помош на граѓаните за справување со кризата вреден 360 милиони евра. Каков ефект очекувате и колку овие средства се доволни за да им се помогне на граѓаните?
Суксесивното и таргетирано носење на антикризни мерки даде одличен резултат за време на корона кризата, што беше изведено како заклучок во повеќе извештаи и анализи кои го анализираа справувањето со кризата во регионот и Европа.
И оваа криза е исто толку непредвидлива и бара навремено и постојано прилагодување на истата. Ваква непредвидливост бара внимателно справување со ризици и тоа економски може да се справиме, бидејќи има економски механизми. Она што е потешко е справување со неизвесноста, која креира негативни психолошки реакции кои не може економски да се предвидат.
Токму затоа сметам дека она што е круцијално во справувањето со оваа криза е токму справувањето и одговарањето, колку што е можно, со неизвесноста која граѓаните може да ја чувствуваат. Покажавме дека се грижиме, дека никој нема да биде изоставен и дека таргетирано се насочува помошта онаму каде што е потребна.
Последните донесени антикризни мерки – дел кои се директна финансиска помош за најранливите категории на граѓани, дел се за помош на одржување на ликвидноста на компаниите како и механизми за справување со енергетската криза. Фискалните импликации на овој пакет мерки се над 360 милиони евра, од нив над 18 милиони евра се директна финансиска помош за околу 200.000 граѓани, кои се најизложени на онаа неизвесност за која погоре зборував.
Незадоволство има и во ССМ од каде велат дека со пакетот мерки нема ништо за работниците особено за оние кои добиваат минимална плата, дали тоа незадоволство е оправдано?
Овие мерки имаа директна финансиска поддршка за најранливите категории, но како што веќе кажав, мораме да ја гледаме големата слика, односно како овие 360 милиони влијаат на економијата и ефектот кој го имаат целокупно врз економијата а со тоа и сите граѓани, односно во овој случај, сите работници. Секако со потпомагањето и одржувањето на ликвидноста на компаниите индиректно се влијае на задржување на рбоотните места. Во мерките е опфатено и субвенционирањето на покачување на платите на работниците што секако е помош за работниците. Минатата година имаше историски највисоко покачување на минималната плата, но не само, туку и промена на целокупната методологија за пресметување на платите со што ним загарантирано ќе им следува усоглаување според повеќе параметри а меѓу нив е и покачувањето на стандардот, односно оваа Влада обезбеди долгорочна гаранција дека оние кои се приматели на најниски износи на плата константно, секоја година ќе имаат подобрување на животениот стандард, зависно од движењата во економијата, односно зависно од растот на севкупната економија како и од растот на трошоците за живот. И ова ги допира сите работници.
Дополнително, одржувањето на добрата кондиција на буџетот со мудро задолжување без голема изложеност, како и заштита на граѓаните од големи трошоци за електрична енергија и основни продукти, што го правиме преку субвенционирање на 80% од сметките за струја како и поволната каматна стапка од 5% ДДВ за прометот со електрична енергија кон домакинствата и замрзнување на маржите на производите. Сето ова е помош кон домашниот буџет на нашите граѓани.
Целото интервју прочитајте го на 24инфо.мк.