Заради големиот интерес на читателите за книгата за есеистиката на Горан Стефановски, денес, во книжарницата на „Полица“ во Скопје ќе биде и авторот на книгата, Иван Антоновски, и тоа од 12 до 14 часот и од 18 до 20 часот. Сите заинтересирани читатели ќе можат да имаат потпишан примерок, но и поважно, ќе може непосредно да разговараат за есеите на Горан Стефановски и за исчитувањето на неговата и нашата приказна.
– Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија – истакна универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова, на промоцијата на „Идентитетот е приказна“, која се одржа минатиот викенд во Дебар Маало.
– Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски, затоа што оваа книга, колку што е дело на Иван Антоновски, толку е и провокација што тој ја најде читајќи го Горан Стефановски – нагласи во своето кусо излагање на промоцијата, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.
Во освртот за оваа значајна книга, универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски истакна дека конечно се случи едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Горан Стефановски. Според него, методолошката „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Антоновски дека „есејот на Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси.
– Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски – констатира Андоновски.
Но, покрај позитивните оцени од стручната критика, многубројни се и позитивните реакции за „Идентитетот е приказна“ и воопшто од читателите, кои искажаа интерес за книгата и побараа примерок од неа и пред нејзината прва промоција.
На средбата со авторот на „Идентитетот е приказна“, Иван Антоновски, во книжарницата на „Полица“, покрај читателите кои за првпат ќе дојдат по свој примерок, добредојдени се и оние кои веќе ја имаат прочитано книгата, за непосреден разговор за есеите и воопшто творештвото и културниот подвиг на Горан Стефановски, затоа што како што неодамна нагласи Антоновски – исчитувањето на Горановиот опус, никогаш нема да заврши.
– Сите копнееме по мајстор раскажувач кој ќе ни ја раскаже нашата приказна. Ние, и како култура, и како нација, и како држава имавме среќа што го имавме Горан Стефановски да ни ја раскаже нашата приказна, порача неодамна Иван Антоновски.
Книгата „Идентитетот е приказна“ е објавена од „Полица“ во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист.