Во рамки на дводневната официјална посета на Република Словенија, денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска и словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец беа во посета на Воздухопловна база на словенечките вооружени сили каде беше изведена показна вежба „Воздухоплов 2022“ со сценарио кое опфаќа замислена авионска несреќа. Во базата министрите ја посетија и словенечката Школа за операции воздух – земја.
Сценариото на вежбата вклучуваше несреќа на воен транспортен авион кој пренесува армиски персонал. Во рамки на вежбата беа вклучени итни противпожарни и медицински единици, а целта беше да се тестира нивната организациска подготвеност и подготвеноста на системот за цивилно-воена соработка во случај на несреќа од овој тип.
При посетата на воздухопловната база министерката Петровска имаше можност да се запознае со капацитетите на НАТО акредитираната регионална школа за операции воздух – земја, каде се обучуваат идните контролори за наведување на здружена воздухопловна огнена поддршка. Во рамки на билатералната соработка, во оваа Школа специјализираните обуки успешно ги завршиле и припадници на Армијата на Република Северна Македонија.
Вчера во Љубљана министерката Петровска се сретна со министерот Шарец, со словенечкиот претседател Пахор, а се обрати и на церемонија за примопредавање на музејски експонат, германски против-воздушен топ од Втората светска војна кој Северна Македонија и го донираше на Словенија во Паркот за воена историја Пивка.