На вчерашниот настап на МТВ, претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, го повтори ставот на оваа партија дека преговарачката рамка на ЕУ формирана, врз основа на таканаречениот „француски договор“, го негира македонскиот идентитет и јазик.
Запрашан од новинарот како го коментира тоа што Советот на министрите на ЕУ го усвои едногласно договорот Фронтекс кој беше потпишан на сите јазици на ЕУ и на македонски јазик, Мицкоски одговори дека во тој договор ќе стои некаква фуснота која го негира македонскиот јазик. За волја на вистината, во тој договор стои следново „потпишано во копии на … (се редат сите официјални јазици на земјите членки по азбучен ред и на …македонски јазик).
Ако јас, како автор на овој текст, знам како изгледа нацртот на овој договор, тешко е да се претпостави дека тоа не го знае лидерот на најголемата опозициска партија кој има редовни контакти со претставници на ЕУ. Во нацртот на тој договор, усвоен од сите министри во Советот на министрите за внатрешни работи, вклучително и оној на Република Бугарија, не стои никаква фуснота.
Ако се суди по оваа многу конкретна ситуација со Фронтекс кој беше со години блокиран од Бугарија токму поради нивното инсистирање договорот да нема копија на македонски јазик, а сега, по прифаќањето на преговарачката рамка или „францускиот предлог“ тој бугарски став да се неутрализира, говори во сосема спротивна насока од тврдењата дека преговарачката рамка го загрозува македонскиот јазик.
На овој ТВ панел Мицкоски се повикува на провокативни изјави дадени од европратеникот Џамбаски од бугарската националистичка партија која не успеа да влезе во бугарскиот парламент на последните избори во Бугарија. Мицкоски овие провокации ги квалификува како релевантни и вели дека не се дадени на улица, туку во Европскиот парламент. Тврдејќи го ова, во истото интервју, Мицкоски понатаму вели дека информациите за тенденции процесот на пристапување да заврши до крајот на оваа деценија се пласирани од луѓе кои се занимаваат со лажни вести.
Во овој контекст, зачудува што Мицкоски изјавата на Џамбаски дадена од клупата на ЕП ја смета за релевантна, додека, пак, Стратегијата за проширувањето усвоена во Комитетот за надворешни работи на ЕП, во која се повикува Советот на министрите и Европскиот совет „да утврдат јасни рокови за завршување на преговорите до крајот на тековната декада” како нешто што е кажано од луѓе како што вели тој кои „се занимаваат со лажни вести“. Инаку во прилог на обидите за интензивирање на преговарачкиот процес е и изјавата дадена на германскиот канцелар Шолц во текот на изминатиов викенд. Дали навистина ЕУ ќе ја утврди 2030 година како краен рок за членство не е потврдено, но јасно е дека такви интенции постојат и дека тие во најмала рака се многу порелевантни од хормоналните истапи на европратеник од бугарска партија вон бугарскиот парламент.
Инаку обидот да се отфрлат преговорите со ЕУ, со хипотеза дека Бугарија во даден момент може да го блокира процесот (впрочем, секоја земја членка во даден момент може да блокира преговарачки процес на било која земја која преговара; тоа секогаш е опција која ЕУ ја има на располагање), исто така, не е во прилог на интересите на државата, ако се има предвид повторно Стратегијата за проширување предложена од Комитетот за надворешна политика на ЕП усвоена минатата недела во која се бара земјите кои преговараат постепено да се вклучуваат во фондовите на ЕУ пред нивното зачленување, што ќе „овозможува придобивките на пристапувањето да ги почувствуваат граѓаните во текот на целиот процес, а не само на неговиот крај“.
Во ова интервју, исто така, Мицкоски се обиде да го релативизира зачленувањето на Македонија во НАТО по прифаќањето на Преспанскиот договор, велејќи дека луѓето во државата се понесреќни. Точно е дека членството во НАТО не е циркус кој носи забава и среќа за публиката, но она што никој не може да го оспори е дека Македонија во овие прилично драматични околности предизвикани од руската агресија на Украина, е секако многу побезбедно место за живеење од она кое би било доколку бевме вон одбранбениот чадор на Алијансата.
Борјан Јовановски
извор Новатв