25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски за ТВ Плус: Реновирани веќе 78 објекти, нови униформи и опрема за задоволна полиција и безбедни граѓани, продолжуваме со несмалено темпо

Министерот Спасовски во интервјуто за кумановската ТВ Плус, покрај стратешки поставените реформски процеси уште на почетокот на мандатот за деполитизација, департизација и професионализација, зборуваше и за подобрувањето на условите за работа на полициските службеници, истакнувајќи дека само задоволна полиција е гарант за создавање на взамна синергија и доверба меѓу полицијата и граѓаните за целосна безбедност на нашето општество.

„На почетокот, како раководство на МВР, поставивме три принципи на работа и тоа деполитизација, департизација и професионализација. Сите реформи што ги правевме во изминатиот период, од реформи во безбедносниот систем, во следење на комуникациите, создавање на надворешни механизми на контрола немаше да бидат целосно ефикасни без вложување во инфраструктурата и опремата, бидејќи само мотивирани службеници можат да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, потенцираше министерот Спасовски.

Тој уште еднаш потсети дека во мандатот на оваа раководство на МВР веќе се целосно реновирани 76 објекти, два нови – ОВР Свети Николе и ЕВР Гази Баба кои ќе се промовираат веќе следните денови, а веќе се почнати подготовките за реновирање на највиталниот објект на МВР – Центарот за Обука во Идризово.

„Имавме полициски станици кои над 50 години не беа реновирани. Ќе продолжиме со целосна реконструкција на Управните служби во зградата на МТВ кои се лицето на МВР пред граѓаните, градба на нова полициска станица во Аеродром и во многу скоро време ќе ја пуштиме новата зграда на Форензичкиот центар и новиот податочен центар во Прилеп за заштита на електронските податоци. Притоа, ги запазивме основните принципи на кои Владата се обврза дека ќе работи, а тоа се заштита на животната средина и енергетската ефикасност на објектите“, министерот Спасовски ги потенцираше инфраструктурните инвестции во МВР.

Тој подвлече дека се вложува и во делот на потрошувачката на енергија со енергетски фасади и прозорци, соларни панели за топла вода, со цел да се заштедат буџетските пари кои се пласираат на другите места согласно приоритетите, работејќи под мотото „Сината униформа делува за зелена околина“ и го истакна фактот дека од 2017 до 2020 година има намалување на сметките за електрична енергија од 45 милиони денари што претставува заштеда која се движи од 7% до 33%.

Во делот за инвестициите во нови униформи министерот потенцираше дека во изминатиот период интензивно се вложуваше во замена на униформите на сите единици, некаде и по повеќе пати, од граничната до специјалните единици, за што овие години се инвестирани повеќе од 10 милиони евра со цел на поефикасно работење на полицијата и промена на перцепцијата на граѓаните за неа.

„МВР беше премногу затворена институција, без никакво пласирање информации во јавноста и таква беше и перцепцијата на граѓаните за министерството. Сето тоа го променивме, од нискиот степен на доверба од граѓаните денес имаме висока доверба и сме една од трите најтранспарентните институции според релевантни мерења“, посочи Спасовски, додавајќи дека ќе продолжи трендот на вложување во безбедноста, имајќи предвид дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава.

На унапредување на личното и професионално задоволство на полициските службеници, Спасовски потсети дека од овој месец сите вработени во МВР земаат 5% зголемени плати, што е трето зголемување од 2017, бонус платите за остварени 150 прекувремени работни часови и другите придобивки дефинирани во преговорите со Македонскиот полициски синдикат со ветување до полициските службеници дека постојано ќе се работи на унапредување на условите за работа во полицијата, за создавање на задоволна полиција која ќе носи безбедност за своите граѓани.