„Ние две и пол децении одржуваме стабилен денар, што јасно покажува дека централната банка има и капацитет, но и соодветни инструменти за одбрана на курсот на денарот. Во поддршка на ова фокусот треба да се стави на нивото на девизни резерви, коишто се клучниот инструмент кој служи како гаранција за одржување на стабилноста на курсот. Тие се одржуваат на високо ниво – во споредба со глобалната финансиска криза 2008-2009 година тие се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период. Дополнително имаме на располагање и ликвидност од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) во вид на репо-линија којашто ни е ставена на располагање и досега не е искористена, но може да се искористи доколку имаме потреба за тоа“, вели таа.
Стабилноста на денарот успешно се одржува и за време на тековната економска криза, што се должи на соодветното ниво на девизни резерви со кое располагаме, но и капацитетите на централната банка успешно да го одбрани курсот. Денарот со децении е стабилен во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер. Ова е најповолната монетарна стратегија за нашата економија, вели во интервју за „Гласот на Америка“ гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон, САД.