Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во Брисел, се сретна со министерката за одбрана на Португалија, Хелена Кареирас, со која разговараше за потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Португалија за што се очекува набргу да биде потпишан и договор за соработка во одбраната.
„Потпишувањето на првиот договор за соработка во одбраната помеѓу Северна Македонија и Португалија, кое го очекуваме набргу, ќе ни биде нашиот патоказ како силно да ја развиеме сојузничката соработка помеѓу Северна Македонија и Португалија“, рече министерката Петровска.
Таа порача дека Северна Македонија е активен сојузник во алијансата и дека земјата е посветена на зацврстувањето на регионалната безбедност и стабилност преку учеството во мисијата на НАТО на Косово, како и во мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
Министерката Кареирас истакна дека земјите со веќе усогласениот текст на договорот за соработка го направија првиот чекор кон развојот на одбранбената соработка и дека таа има голем потенцијал за развој во иднина.