14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Европски катастар за катастарски услуги по европски стандард

Премиерот Димитар Ковачевски, вечерва, се обрати на свеченоста за јубилејот „95 години геодетски премер и 75 години Геодетска управа“, во организација на Агенцијата за катастар и недвижности.

„Напредок има само во државата во која граѓаните и бизнисите се ефикасни и креативни. Тоа во прв план значи обврска за институциите да овозможат квалитени и ефикасни јавни услуги за да нема денгубење на граѓаните и на компаниите во завршувањето на своите обврски во државните институции. Во современото време во кое живееме, со дигитализацијата, тоа е – и мора да биде можно“, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи дека Агенцијата за катастар и недвижности се развива веќе 75 години, од 1947 година, формирана како Геодетска управа на Народна Република Македонија, дека преку неколку законски трансформации на институцијата во текот на годините, со новиот Закон за катастар на недвижностите од 2008 година дефинирана е како Агенција, дека почетоците на геодетски премери во нашата држава се бележат уште порано – пред 95 години, како и дека во последните неколку години направен е значителен напредок во оваа област.

„Им го честитам овој голем јубилеј на вработените во Агенцијата за катастар и недвижности!

Во името на Владата и во мое име изразувам благодарност за вашите заложби да им служите на граѓаните. Тоа што е сработено досега при работата на Агенцијата е значајно: дигитализирани се катастарските планови; подобрен е квалитетот на податоците од катастарот на недвижности; изработени се топографски и наменски карти и карти по НАТО-стандарди; воспоставен е центар за обработка и анализа на сателитски снимки; премер, обележување, одржување и обновување на граничните белези и граничната линија на државната граница на Република Северна Македонија; воспоставена е единствена евиденција врз основа на единствен идентификациски број за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата; во тек се и други активности – преку меѓународна соработка, со цел унапредување на услугите од Агенцијата“, оцени премиерот Ковачевски.

Тој рече дека го прочитал нацрт-стратешкиот план за периодот 2023 – 2025 и изрази охрабрување Агенцијата за катастар и недвижности да пристапи кон натамошна модернизацијата на услугите во согласност со европските стандарди и регулативи и успешни европски пракси.

„Да создадеме европски катастар!

Во тоа ја имате целосната поддршка од Владата и од мене како премиер.

Да, тоа е дел од процесот на зачленување во ЕУ, но, пред сѐ, поради важноста за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните и во олеснувањето на функционирањето на бизнисите, во насока на заложбите за економски раст, дома, во нашата земја. Ова е многу важно, особено во услови на отворени преговори со Европската Унија и почнувањето на скрининг-процесите, со кои се утврдува, а понатаму во преговарачкиот процес и ќе се бара, целосна усогласеност со европските критериуми на работа и на законодавството“, порача премиерот Ковачевски.

Ковачевски ги потенцира важноста на дигитализацијата и отвореноста на податоците.

„Ги поддржуваме заложбите за достапност до катастарските податоци преку Националниот портал за електронски услуги, односно имотните листови и историјатот за сопственост, бидејки тоа е во согласност со праксите во Европската Унија, каде што отворените податоци се регулирани со директивата за јавниот сектор, отворените податоци имаат отворен формат, се користат без надоместок и без да се ограничуваат корисниците. Дигитализацијата на јавните услуги ги зголемува ефикасноста и пристапноста при испораката на јавните услуги, ги забрзува процесите, ги намалува човечкиот контакт и можностите за корупција и овозможува висока транспарентност на сите нивоа. Значајна е и дигитализацијата во правосудниот систем, пред сѐ, поради ефикасноста на завршувањето на постапките. Во тек се процедурите за целосната дигитализација на речиси 186 судници во 34 суда бидејки меѓу приоритетите во програмата за работа на Владата 2022 – 2024 година се дигитализацијата, независно и ефикасно правосудство, професионализацијата на институциите и превентивните мерки во надградбата на планот за борба против корупцијата“, додаде премиерот Ковачевски.