Кошаркарскиот клуб Работнички испишува нова историја, Горан Веселиновски, директорот на КК Работнички денеска потпиша договор со Марко Лопичиќ, генерален директор на телекомуникациски оператор Мтел, компанија членка на групацијата Телеком Србија. Станува збор за четиригодишен договор со кој српски Мтел станува главен спонзор и главен поддржувач на клубот.
„Знам дека приказната на КК Работнички е долга и бурна, со подеми и падови, но во овој момент јас верувам дека заеднички ќе го создадеме нејзиниот среќен крај. Јас целата своја играчка кариера ја поминав во овој клуб, ова е мојот клуб, кон кој чувствувам обврска да помогнам заедно да се вратиме на победничките патеки и заедно да исчекориме кон врвот. Затоа што Работнички, затоа што Центар и центарци заслужуваат повторно да бидат на врвот во кошарката“, истакна Веселиновски.
Извршниот директор на Мтел, Марко Лопичиќ истакна дека Телеком Србија и компаниите го поддржуваат спортот во неколку држави, а сега меѓу нив е и Македонија.
„Како што веројатно знаете и сами Телеком Србија во Србија, како и нашите компании во Босна и Херцеговина и Црна Гора, од своето основање го поддржуваат спортот и на аматерско и на професионално ниво, поради тоа решивме таа позитивна деловна пракса да ја пренесеме и во Македонија. Се надевам дека ова спонзорство ќе овозможи на кошаркарите и стручниот штаб на Работнички да работат и да се натпреваруваат во уште подобри услови и дека резултатите во сезоната која што е пред нас ќе бидат уште подобри“, нагласи извршниот директор на Мтел, г-динот Лопичиќ.
Телеком Србија е стратешки насочена кон спортот, а доказ за тоа се сите соработки на компанијата меѓу кои и ова партнерство, изјави генералниот директор Владимир Лучиќ.
„Денешното потпишано спонзорство, како и сите други планови и инвестиции кои ги имаме во Македонија, се најдобар доказ за нашата стратешка посветеност на овој пазар и сигурен знак дека сите наши соработка и идни корисници, како и Владата на Република Северна Македонија, во нас имаат сигурен партнер“, истакна во своето обраќање генералниот директор на Телеком Србија Лучиќ.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски истакна дека иако фокусот во сите држави е животниот стандард љубителите на спортот и граѓаните треба да имаат моменти на радост и гордост онакви какви што знае да ги донесе спортот.
„Денес целата спортска јавност треба да ја поздрави деловната одлука на МТЕЛ да стане генерален спонзор на еден од најтрофејните македонски спортски клубови. Во услови на европска енергетска криза, со најтешки економски последици после Втората Светска војна, демонстрирање на вака висок степен на општествена одговорност е чин кој несомнено треба да се поздрави. Како Влада и понатаму ќе продолжиме активно да создаваме услови компаниите да продолжат со донации и спонзорства да го поддржуваат спортот“, истакна премиерот Ковачевски.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека КК Работники е најтрофеен клуб, најголемиот бренд на Центар и еден од најпрепознатливите спортски колективи во Скопје.
„Моја заложба како градоначалник, но и како центарец, е повторно да го вратиме клубот на старите победнички патеки. Ова е нов почеток и нова приказна за Општина Центар и Работнички“, изјави Герасимовски во своето обраќање.
КК Работнички како најтрофеен кошаркарски колектив во државата и покрај финансиската поддршка од Општина Центар со години е во незавидна состојба. Новото раководство, предводено од директорот Горан Веселиновски за неколку месеци успеа да расчисти половина од долговите и да го намали долгот на 18 милиони денари што сепак не беше доволно за нормално функционирање на клубот. Денешниот договор за спонзорство со српски Мтел е нова шанса за КК Работнички за освојување на нов шампионски пехар.