„Ребалансот на Буџетот два месеци беше во Собрание блокирано бидејќи опозицијата, која е надлежна за Комисијата за финансирање и буџет, не закажуваше седници. Не беше запазен законскиот рок за носење на ребалансот и поради тоа два и пол месеци бевме стопирани од секакви исплаќања и пренамена на средства“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во „Трилинг“ на ТВ24.
Таа додаде дека културата, како и сите други делови од општеството, се соочуваат со енормно зголемување на сметките на струја и дека откочувањето на установите дојде по прераспределбата на буџетот на министерството.
Министерката Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека блокадата на ребалансот од страна на опозицијата значење доцнење во плаќањето на смеки во министерството за култура, со што беше загрозено функционирањето на културните установи.
„Се пренаменија средства за да ги покриеме сметките на културните установи за тие да може да ја извршуваат секојдневната работа. Ќе имаме состаноци со директорите на институциите и останатите министерства за да најдме начин културата да не трпи во функционирањето, но да работи на еден поекономичен начин. Ставањето клуч на врата на културните установи е последна опција, до која се надевам дека нема да дојдеме“ рече Костадиновска-Стојчевска.