„Со енергетската и економската криза различно се справуваат различни земји, а државите кои не се дел од големите сојузи потешко доаѓаат до финансиски средства од земјите-членки на униите. Класичен пример се земјите-членки на ЕУ кои вбризгуваат големи средства за справување со последиците од инфлацијата, енергетската криза итн. бидејќи Европската централна банка им помага“ изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Вин-вин“ на Телма.
Тој додаде дека одлуките на ЕУ, надвор од фискалните пакети, може да влијаат врз понатамошните сосојби и за нас.
„Пример одлуката за максимална цена на електрична енергија во ЕУ ќе влијае и на нас, бидејќи и ние се водиме по унгарската берза за електрична енергија. Веќе има најави дека ќе се дефинира 180 евра за мегават час цена на електрична енергија“ изјави Битиќи.
Тој додаде дека пред седум дена имало пик на цената на електрична енергија од 1000 евра за мегават час, додека денес тоа е околу 400 евра.