23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Оливер Андонов: Мицкоски е политички потрошен

Одново се реактивираат фракционерските движења во ВМРО-ДПМНЕ. По неколкугодишна пауза, одредени кругови во најголемата опозициска партија денеска излегоа во јавноста под името „Фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ“ и од пред партиското седиште побараа заминување на лидерот Христијан Мицкоски. Образложението за потегот на оваа фракција, која ја раководи Оливер Андонов, поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и министер за внатрешни работи со мандат од еден ден, е дека Мицкоски е политички потрошен. Тезата е дека тој треба да си замине за да дојде до демократски промени во партијата.

„Партијата која на почетокот на создавањето беше симбол за демократска партија, пак да се врати како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција. Жалам што ова го прават од партијата, незнам и која песна ќе ни ја пуштат, им благодарам што ја разубавуваат прес-конференцијата. Ова е повик до членството да се обединеме, ова не е нова политичка структура или паралелизам. Зошто сега, зашто се исполнети сите услови за тоа. Тоа го бара членството, не е ова моја лична желба. Членството вели време е јавно да се каже нешто и нешто да се преземе“, вели Оливер Андонов од фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Фракционерите се уверени дека битката ќе трае – велат дека се свесни дека Мицкоски нема самиот да си даде оставка, но дека на тоа ќе го принуди членството. Негираат каква било поврзаност со скопската градоначалничка, Данела Арсовска, која мината недела и откажа верност на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија поддршка победи на ланските локални избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ брзо одговори на повиците на фракционерите.

„Од кого? Од Оливер Андонов? Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции, такви луѓе веќе 4 години мене ме менуваат, а партијата секој ден е се посилна, посплотена. Така ќе биде и на следните парламентарни избори и рекордна победа со мнозинство во парламентот. Со него нема што да ви го губам вашето време и да го коментирам“, вели Христијан Мицковски.

Мицкоски, манифестирајќи дека не се чувствува загрижен од барањата на фракционерите, повтори дека примарна задача на неговата партија е „да ја урне владата на премиерот Ковачевски со предвремени парламентарни избори… Ова не е прва иницијатива за смена на Мицкоски. Пред две години видни функционери и членови на партијата, организирани во иницијативен одбор, побраа тој да си замине од лидерската позиција. ВМРО-ДПМНЕ тоа го нарече обид на „Мериот коалицијата“ алудирајќи дека идејата со, како што тврдеше, поддршка на власта, се кроела во овој скопски хотел. Таа иницијатива заврши неуспешно.