По повод Денот на независноста, министерот Оливер Спасовски, упати честитка до сите граѓанки и граѓани во државата, со порака дека обединети во слободата чувањето на независноста е наша заедничка обврска.
Во продолжение е интегралната честитка на министерот Спасовски по повод Денот на независноста:
Почитувани граѓани,
Дозволете ми во свое лично име и во името на МВР да ви го честитам 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, со најсрдечни желби за благосостојба и просперитет на сите наши граѓани.
На 8 септември 1991 година, ние граѓаните одлучивме да живееме во слободна и независна Македонија и гласајќи за независноста и сувереноста на државата се обврзавме сите да ја градиме нашата татковина, Македонија, со јасна визија во која преовладуваат хуманоста, солидарноста и заедништвото и со јасна цел – дел од евроатлантското семејство.
Многуте предизвици коишто сме ги надминале во три деценискиот развој на нашата држава ни даваат мудрост да продолжиме со вложувањето во таа мисла за слободна и самостојна држава, за којашто нашите предци го дале најскапоценото – својот живот. И затоа, денеска може слободно да кажеме дека изградивме држава во која има сигурно место за сите нас. Едно општество ослободено од предрасуди, со воспоставена социјална правда, солидарност кон ранливите, грижа за културното наследство, за животната средина. Носиме нови инвестиции, носиме нови знаења, нови технологии, отвораме нови пазари за македонските производи, за повеќе работни места и поквалитетен живот во секој поглед.
Изградивме држава во која правото владее неселективно. Создадовме полиција од европски ранг и воспоставивме ред, правда и дисциплина, а државата ја позициониравме како фактор за стабилност и безбедност во регионот.
Ја исполнивме највисоката државна стратешка цел – членство во НАТО и на последен чекор сме до исполнување на втората – во преговори сме со ЕУ за полноправна асоцијација во европското семејство.
Почитувани,
Обединети сме во слободата, а чувањето на независноста е наша заедничка обврска, и токму носењето мудри одлуки и исполнувањето на потребите на граѓаните преку државни институции со интегритет и кои ги следат современите европски и светски трендови за унапредување на квалитетот на животот на сите граѓани, притоа гарантирајќи ја сигурноста на секој еден, е највисок чин на патриотизам.
Нека е честит и вековит 8 Септември!
Да живее Република Северна Македонија!