23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ – Дробњак: Преговорите се отворени, почнува процес кој бара активност и одговорност

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со експертот Владимир Дробњак, поранешен хрватски преговарач, денеска одржа два координативни состанока со министрите задолжени за кластерите и работната комисија за евроинтеграции со државните секретари на институциите.

„Искуството и знаењето што го има поранешниот хрватски преговарач Дробњак ќе биде од корист и ќе ни помогне полесно да ги надминеме предизвиците со кои ќе се соочиме во текот на преговорите“, рече на состанокот вицепремиерот и главен преговарач, Бојан Маричиќ.

„За секоја земја, добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ е голем политички предизвик, но вистинската работа и задачите почнуваат по отворањето на преговорите“, рече Владимир Дробњак додавајќи дека тоа е невозможно да се процени колку ќе трае преговарачкиот процес за Северна Македонија.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека почнуваме сложен процес на промени, во кој ќе ни биде потребна сериозна посветеност за исполнување на целта истакнувајќи дека експертизата на Дробњак несомнено ќе придонесе во овој клучен момент кога се подготвуваме за најважната и најтешка фаза од евроинтеграцискиот процес, а тоа се преговорите.

Дробњак пред македонските министри и државни секретари преку дискусија ги посочи предизвиците со кои Северна Македонија може да се соочи земајќи ги предвид искуствата на Хрватска во овој дел.

„Преговорите се отворени и мора да го трчате овој маратон одговорно“, рече Дробњак додавајќи дека има предности во однос на другите земји компаративно и дека Северна Македонија може да смета на поддршката од Хрватска и понатаму во целокупниот процес.

Вицепремиерот Маричиќ и Дробњак се согласија дека влегуваме во нова димензија на евроинтеграциите и дека ова ќе биде комплексен процес, во кој мора да бидеме активни и да работиме на реформите.

Искуството на Хрватска во процесот на пристапување, новата методологија и преговарачка рамка и процедурите за преговори, Дробњак ќе го претстави и пред раководната структура на Секретаријатот за европски прашања.