Министерот за здравство Беким Сали, ја оствари првата официјална посета на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во придружба на свои соработници, при што беше потврдена заложбата за заемна соработка со цел подобрување на јавното здравје.
На почетокот од работната посета на 2 септември, Сали оствари средба со Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Клуге ги пофалил напорите што Македонија ги прави за унапредување на националната здравствена агенда, и додал дека ќе продолжи поддршката од СЗО за државата за натамошна операционализација на реформата на примарната здравствена заштита, проширување на улогата на медицинските сестри во пружањето здравствени услуги бидејќи тие во голема мера можат да придонесат за подобрување на нашиот здравствен систем, процесот на одговор и закрепнување од Ковид-19, како и за новите иницијативи во областите на контролата на тутунот и безбедноста на пациентите.
„Забрзувањето на реформата на примарната здравствена заштита со цел постигнување состојба каде услугите ќе бидат достапни за граѓаните, а во центарот на вниманието ќе бидат луѓето, како и зајакнувањето на контролата на тутунот, се двете клучни области каде Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Министерството за здравство изразуваат посветеност за уште потесна соработка во иднина. Пресреќен сум што здравјето е толку високо на агендата на Република Северна Македонија, а со денешнава посета дополнително ја зајакнавме одличната меѓусебна соработка”, изјавил Клуге.
„Северна Македонија, заедно со останатите 52 земји-членки на нашиот регион, работи со нас во рамките на Европска програма за работа за 2020-2025, регионалниот документ за здравје којшто го води сето она што ние во СЗО/Европа го правиме за да ги поддржиме земјите во постигнувањето здравје за сите“.
По средбата со Клуге, министерот за здравство имал состанок и со директорите на различните оддели во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, при што ја презентирал актуелната состојба во која се наоѓа здравствениот систем на државата и притоа се осврнал и на остварениот напредок и предизвиците.
„Горд сум на одличната соработка која ја имаме со СЗО и во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност за нивната поддршка“, изјавил Сали.
„Изминатиов период, што го одбележаа голем број предизвици по здравствениот систем предизвикани од пандемијата на Ковид-19, советите и помошта што ги добивме од СЗО беа од клучно значење нашата држава да успее да ги зајакне капацитетите на сите нивоа”.
„Министерството ќе ги интензивира напорите за спроведување активности во неколку домени: примарна здравствена заштита, безбедност на пациентите, квалитет на негата на болните, контрола на тутунот, ментално здравје, превенција на незаразни болести, превентивни активности во областа на јавното здравје и е-здравје и дигитализација, а ќе продолжиме и со добрите практики во областа на перинаталната нега”, додал Сали.
Како дел од посетата, се одржал и билатерален состанок со претставници на Министерството за здравство на Кралството Данска со цел размена на информации и добивање сознанија за здравствениот систем на оваа држава.