Во изминатите пет години, преку конкретни мерки креирани во консултации со лозарите и винариите, континурано се вложува во развој на лозарството и на винарството и резултатите се видлливи, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција.
„Домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри. Веќе трета година по ред извозот на вино бележи пораст, и во количина и во вредност. Македонското вино е со светски познат квалитет, а нашата земја важи за еден од лидерите според вредноста на извезеното вино во регионот, односно втор најголем извозник после Грција. Минатата година македонските винарии извезле вино во вредност од над 61 милиони долари, што е зголемување од над 19% во споредба со претходната 2020 година.“ рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри.
„Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарии за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес.“ додаде Ковачевски.