„По нашите анализи степенот на усогласеност е некаде околу 45 проценти, што не е малку и е навистина на добро ниво. Постојат области каде што сме на исто рамниште дури и подобри од државите кои преговараат, на пример Кластерот „Темелни вредности“, првиот кластер, таму сме и први во регионот, подобри и од државите кои веќе 10 години преговараат“, изјави вицепремиерот Маричиќ, во интервјуто на телевизија „Телма“.
Маричиќ посочи дека во делот на земјоделие сме прилично добри и први во регионот, исто и во делот на конкурентност, што е доказ дека во овие 17 години додека сме чекале да ги почнеме преговорите, не сме губеле време и сме во добра кондиција за да го почнеме и да го завршиме скринингот успешно, додавајќи дека секако има области, како што е внатрешен пазар, каде што има уште многу работа и каде што допрва треба да се усогласуваме.
„Ние како Секретаријат за Европски Прашања секоја година правиме детална анализа на секој извештај и имаме таканаречена гап анализа, увид кои мерки се позитивно оценети, кои се оценети дека треба повеќе. Има околу 57 проценти од мерките коишто се оценети како позитивни, односно има реална усогласеност и има 43 проценти кои допрва треба да се усогласуваат“, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ кажа дека сега наша задача е паралелно, преку Националната програма за приближување на законодавството и да го имплементираме законодавството, но дека тој динамичен процес ќе зависи од капацитетот на институциите, но и тоа колку ќе има политичката волја и притисок од институциите, со цел да се заврши овој процес на тој начин што ние е функционираме комплетно држава членка.
„Затоа траат тие преговори, за да имате доволно време тие комплицирани стандарди и сериозни промени, и во нашето функционирање на економијата и на институциите, да ги направиме. И она што е за нас најважно е тие да бидат неповратни, значи да не се враќаме назад, да немаме назадување по извесен број на години, бидејќи новата методологија на некој начин го казнува назадувањето и може да ве врати на почетокот. Нашата идеја, нашата цел е постојано да одиме напред, дури и кога одиме со мали чекори тоа да биде напред, да не одиме назад. Пак ќе кажам мислам дека имаме добра стартна позиција за брзо да ги стигнеме државите кои преговараат веќе десет години“, посочи вицепремиерот Маричиќ.