Премиерот на Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација што денеска ќе учествува на Првата меѓувладина конференција во Советот на Европската унија во Брисел.
„Оваа меѓувладина конференција е од историско значење за Република Северна Македонија, бидејќи го означува почетокот на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ“, стоеше во соопштението на Владата во Скопје.
Според агендата, Ковачевски, заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска треба да се сретнат со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
„Во рамките на оваа историска посета на Брисел, за денес е најавен почетокот на скринингот за Северна Македонија и работен ручек со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат двете делегации“, се наведува во соопштението.
Владата во саботата ги одобри заклучоците претходно изгласани на состанокот и донесе одлука да го прифати предлогот на француското претседателство од 30 јуни за почеток на пристапните преговори.
Тогаш беше најавено дека Првата политичка меѓувладина конференција, која ќе го означи почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
Според францускиот предлог, Втората меѓувладина конференција, со усвојување на Преговарачката рамка, ќе се одржи дури по промената на Уставот и внесувањето на Бугарите, што е еден од условите на Софија.
Францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, кој беше поддржан од целата ЕУ, во Северна Македонија наиде на силен отпор кај македонската опозиција, голем дел од граѓаните, академската јавност и релевантните невладини организации кои се занимаваат со евроинтеграции, кои сметаат дека тоа води кон бугаризација на земјата и дека не овозможува вистински почеток на пристапните преговори.
Почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата. Брисел, исто така, го поврза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија, која е кандидат за членство веќе 17 години.