Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против едно лице кое според опишаните дејствија сторило кривично дело Трговија со луѓе, предвидено и казниво по член 418-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот во период од месец јули до месец октомври минатата година во својот угостителски објект во гостиварско, употребувајќи сила и закана за употреба на сила и применувајќи психолошко насилство, сексуално и трудово експлоатирал Македонка и Русинка.
Девојките работеле во угостителскиот објект, едната на шанк и како келнерка, додека другата како танчерка.
„Искористувајќи ја состојбата на ранливост на дваесет и двегодишната македонка ѝ понудил заштита и времено засолнување од лице што наводно нудело пари за нејзино пронаоѓање, ја сместил во просториите на неговиот угостителски објект и ѝ понудил работа. По одредено време, обвинетиот побарал за неговата услуга за заштита, девојката да прави сѐ што ќе ѝ каже бидејќи сметал дека таа е „негова сопственост и со неа ќе прави што сака“. И покрај противењето на девојката, обвинетиот не само што лично сексуално ја злоупотребувал, туку ја присилувал и да дава сексуални услуги и на други лица од кои наплаќал од 50–100 евра. За да може подолго да работи, ја принудувал да користи кокаин. Девојката добивала по 1.500 денари на две недели за извршувањето на работите во угостителскиот објект, кои обвинетиот веднаш ѝ ги земал. Воедно, тој насилно ѝ ја одзел и платежната картичка од која без нејзина согласност ја подигнал целата сума во износ од 18.000 евра, а исто така успеал противправно да ја пренесе сопственоста од ПМВ сопственост на девојката на неговиот син, кој по десетина дена истото го продал на трето лице“ стои во извештајот на ОЈО.
Информираат од Обвинителство дека Русинката по претходна комуникација со познанички, пристигнала во нашата земја кон крајот на август 2021 година. Иако според првичниот договор таа требала да биде танчарка, обвинетиот покрај танцувањето барал и дополнителни услуги од неа односно да дава сексуални услуги на обвинетиот, неговите пријатели и гости во објектот за што наплаќал од 3.000 – 8.000 денари, а девојката не добивала ништо за возврат.
Неможејќи да го издржи физичкото, психолошкото и сексуалното малтретирање девојката искористила погоден момент и го напуштила угостителскиот објект.
Обвинител предложил на обвинетиот да му ја продолжат веќе изречената мерка притвор.
За ова кривичното дело запретена е казна затвор во траење од најмалку 4 години.