Следните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година и тоа прашање го затвораме, порача премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во изјава за медиуми дадена по одржаната средба на владината коалиција.
Ковачевски истакна дека коалициските партнери едногласно заклучиле дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку дополнително ќе ги продлабочат и најави фокус на економијата и надминување на последиците од кризата.
„Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. “ порача Ковачевски.