24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Османи: Сега ќе се знае дали во Софија ќе се погребе перспективата на Западен Балкан

Веќе не е прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, туку дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на заедничката прес-конференција со неговиот хрватски колега, Горан Грлиќ Радман.

Рече дека времето до јунскиот Самит на ЕУ е кратко и почетокот на преговорите зависи од Бугарија.

Сега ќе се знае дали во Софија ќе се погребе перспективата на Западен Балкан, изјави Османи.

„Се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Уште сум оптимист дека во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога, ќе преземе стратешко лидерство и ќе испрати порака кон граѓаните на Западен Балкан дека тие се тука во срцето на Европа“, рече Османи.