24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Поддршката од Германија е силна и постојана

Премиерот, Димитар Ковачевски, во своето обраќање на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, истакна дека оваа втора посета за кратко време на еден германски канцелар на нашата земја сведочи за исклучителните добри односи меѓу Северна Македонија и Германија.

„Таа поддршка за нас, за Северна Македонија е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности, како рамноправен партнер на Германија и другите земји членки на Европската Унија“, нагласи Ковачевски на прес-конференцијата.

Премиерот посочи дека оваа посета е дополнително вредна и заради тајмингот во кој се остварува кога во пресрет на јунскиот самит на шефови на држави и влади на ЕУ го очекуваме заслужениот чекор кој ќе го деблокира процесот за почеток на преговорите.

„Посетата на канцеларот Шолц токму во пресрет на тој самит е силен знак на поддршка за исполнетите критериуми на Северна Македонија за безусловен старт на преговорите за членство во Европската Унија. Во овој случај, една од заедничките цели на Северна Македонија и на Сојузна Република Германија е нашата земја да биде членка на ЕУ“, потенцираше Ковачевски.

Тој нагласи дека во вкупните односи со Германија посебно и значајно место има економската соработка меѓу двете земји.

„Германија го задржа првото место во трговската размена со нашата земја вредна 4,2 милијарди евра. Повеќе од 45 отсто од вкупниот извоз од Северна Македонија завршува во Германија, а дури 200 компании од Германија се партнери на македонските компании и отворија 20 илјади работни места во нашата земја“, истакна Ковачевски.