24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шаќири пред пратениците: Градиме квалитетно образование, ја оптимизираме училишната мрежа и овозможуваме транспарентно и објективно финансирање

Со вклучување на пратениците, денеска Министерството за образование и наука ги продолжи консултациите за Националната развојна стратегија за периодот 2022-2042. Министерот Јетон Шаќири пред членовите на Комисија за образование, наука и спорт ја нагласи важноста на конструктивниот дијалог со сите засегнати страни во подготовката овој сеопфатен стратешки документ, што ќе ги содржи националните приоритети и долгорочните развојни цели, со фокус на имплементацијата. Консултациите се користат и за подготвка за Самитот на ОН за трансформирање на образованието, што ќе се одржи во септември во Њујорк, но и за надополнување на Стратегијата за образование.

„Вклучувањето на различни погледи и искуства од сите релевантни чинители е начин на кој пристапивме и кон реформата на образованието, како на основното така и на средното образование. Во основа на овие процеси, кои се во тек, е заложбата за квалитетно образование за секое дете, како услов за развој на општеството во целина. Интензивно вложуваме во нови наставни програми и нови материјали за учење, во обуки на наставниците и во наставни помагала, нагледни средства и кабинети за природни науки. Реформата го опфаќа и системот за мониторинг и евалуација на националниот прогрес во образованието“, рече министерот Шаќири во обраќањето пред Комисијата.

Посочувајќи на нужноста од реформи кои ќе го подигнат квалитетот на образованието и ќе овозможат развивање на потенцијалите на секое дете, министерот укажа на резултатите од меѓународните мерења на знаења, кои покажуваат дека нашите ученици имаат резултати под просекот за Западен Балкан, земјите од ЕУ и од ОЕЦД. Над една половина од учениците на тринаесетгодишна возраст не го достигнуваат основното ниво на умешност по читање и математика, покажа ПИСА тестирањето во 2018 година.

За да се овозможи ефикасно и ефективно искористување на образовните ресурси, како инфраструктурните, така и на човечките и на финансиските, Министерството за образование и наука продолжува со реформите, во делот на оптимизација на мрежата на училишта и со промена на формулата за финансирање на основното и средното образование.

„Процесот на оптимизација на училишната мрежа ќе се одвива до 2026 година и во тесна координација со вас пратениците, со општинските власти, училишниот кадар, родителите, учениците и сите други засегнати страни. Важно е да напоменеме дека за секоја општина ќе се утврди посебен план за оптимизација, врз основа на индикатори и стандарди. Наша цел е да воспоставиме правичен образовен систем кој создава еднакви услови за настава во сите училишта, да им овозможиме на училиштата да држат повеќе часови настава и да обезбедиме ефикасна распределба на ресурсите“, рече министерот Шаќири.
Со цел да се подобри ефикасноста во трошењето, да се обезбедат доволно финансиски ресурси за да се исполнат образовните стандарди во училиштата како и да се зајакнат резултатите од трошењето на средствата, Министерството за образование и наука, во соработка со Министерството за финансии направи ревизија на формулата за финансирање на основното и средното образование. Новиот начин на финансирање ќе обезбеди објективна и правична распределба на блок дотациите за општините и за училиштата.

Министерот Шаќири нагласи дека новата формула се базира на утврдена стандардна цена по ученик и обезбедува поголема транспарентност во распределбата на средствата за блок дотации. Дотациите од општините кон училиштата ќе се реализираат врз основа на утврдени механизми и ќе има посебни алатки за контрола како училиштата ги трошат дотациите. Новиот начин на финансирање на основното и средното образование, врз основа на стандарди, предвидува период за приспособување од 5 години.