23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски на Отворен Балкан: Нè поврзува заедничка визија за напреден и безбеден регион

Со обраќања на лидерите на отворањето на самитот на Отворен Балкан во Охрид започна официјалниот и работен дел на состанокот на оваа регионална иницијатива.

Со поздравни говори и со желби за успешна работа, пред учесниците и гостите на самитот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија, како и премиерот на Република Црна Гора, Дритан Абазовиќ и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина.

Работата на самитот на Отворен Балкан ја поздравија и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД, специјален пратеник за Западен Балкан, кој се обрати преку видео конференциска врска.

Во своето обраќање на отворањето на Самитот на Отворен Балкан, премиерот Ковачевски поздравувајќи ги присутните, ги истакна придобивките од регионалното поврзување и соработка.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

Почитуван претседател на Република Србија Александар Вучиќ,

Почитуван премиер на Република Албанија Еди Рама,

Почитуван премиер на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ,

Почитуван претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија,

Почитувани учесници на Самитот на Отворен Балкан,

Почитувани претставници на компаниите, на институциите, на медиумите,

Почитувани граѓани на Западен Балкан,

Дами и господа,

Добредојдовте во македонскиот и балкански бисер Охрид,

Добредојдовте во Северна Македонија, една од државите носители и промотори на иницијативата Отворен Балкан.

Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата Отворен Балкан е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот.

Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде им застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери. Знам дека чекањето на камионите е намалено, но знам дека можеме уште подобро и за тоа се залагаме заедно, преку намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.

Бенефитите од Отворен Балкан и меѓусебното помагање меѓу државите и народи ние го осетивме уште летоска. Како резултат на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите на Северна Македонија ѝ помогнаа во интервенција на пожарите кои ја зафатија нашата земја минатото лето.

Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред!
Сега уште појасни и поаргументирани се придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Ние сме тука пред се заради подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Ние сме тука заради подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан.

Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле.

Почитувани пријатели,

Овој самит не носи уште понапред во нашата соработка. Во нашиот фокус се соработките, меѓусебните размени, отстранувањето на бариерите, доближувањето на нашите народи.

Одиме понатаму со крупни чекори. Денеска ќе потпишеме нови договори и меморандуми за соработка.

Со взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Недостатоците од работна сила најпрво ќе си ги надополнуваме меѓусебно, што е причина повеќе младите да ни бидат тука, да не ни бегаат по светот.

Денес отвораме и ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.

Имаме на светот да му ги понудиме дел од најубавите мориња на Медитеранот благодарение на богатството на Албанија. Планините и прочуениот селски туризам на Србија. Македонските езерски пејзажи и убавите зелени планини.

Овие убавини ќе му ги понудиме на светот, но пред се ќе овозможиме нашите граѓани да ги уживаат преку најповолни услови.

Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот. Очекувам еден ЕГЗИТ да го видиме во Северна Македонија и во Албанија. Очекувам седум-осминскиот македонски такт да се слуша се почесто и во Белград и во Тирана. Очекуваме што е можно повеќе Срби и Македонци да ја посетат Тирана, европската младинска престолнина за 2022 година.

Почитувани пријатели,

На овој Самит ќе се потпише и Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот со што создаваме нова можност за полесно прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги.

Ова е европеизацијата за која зборуваме. Ова се конкретни чекори кон етаблирање на вредностите и практиките во Европската Унија.

Остваруваме нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заеднички договори на нејзините земји членки.

Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме.

Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме.

Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави.

Ние денес, од тука, од Отворен Балкан испраќаме јасна порака:

Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили.

Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми.
Сите ние во Отворен Балкан сме уверени дека оваа иницијатива ќе станува сѐ поатрактивна.

Денеска заедно со нас се и премиерот на Црна Гора Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Тегелтија. Поканата за премиерот на Косово, останува отворена. Јас сум убеден дека бенефитите од Отворен Балкан ги заслужуваат и дека ќе ги добијат и граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово и верувам дека овој самит ќе донесе позитивен пресврт кога е во прашање проширувањето на Отворен Балкан.

Отворен Балкан е за интеграција. За отворени можности. За слобода. Отворен Балкан е за олеснување, помагање, пријателство. Драги пријатели и пријателки од Црна Гора, БиХ и Косово, другари и другарки, браќа и сестри – приклучете ни се, заедно можеме повеќе, за нас и нашите деца.

Нека ни е со успех, да растеме заедно со успесите и со придобивките за нашите граѓани.