25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бочварски во Тирана: Потпишана декларација за безбедна и одржлива патна инфраструктура

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, е во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде што присуствува на самитот за патишта на Западен Балкан во организација на Секретаријатот на транспортната заедница. Покрај министерот Бочварски, на самитот присуствуваат и министрите за транспорт и инфраструктура на Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и на Босна и Херцеговина.

На самитот министерот Бочварски потпиша декларација за патишта со која се обврзуваат земјите од Западен Балкан да создадат паметна, безбедна и одржлива патна инфраструктура како дел од единствената транспортна мрежа на Европската Унија.

Декларацијата подразбира воспоставување сет мерки за подигнување на безбедноста на патиштата, како и воведување интелигентни системи, кои ќе обезбедат повисоко ниво на ефикасност на транспортниот систем во целина.

Во своето обраќање министерот Бочварски ги потенцира инвестициите во доизградба и модернизација на коридорите 8 и 10, како и воспоставувањето сигурен и безбеден транспорт преку формирање агенција за безбедност и воспоставувањето на интелигентните транспортни системи на Коридорот 10.

„Воспоставувањето сигурен и безбеден транспортен систем е еден од нашите приоритети и вклучува подобрување на безбедноста во сообраќајот, воведување информатички технологии и имплементација на интелигентни транспортни системи во транспортниот сектор. Една од позначајните активности на Министерството за транспорт и врски е формирање агенција за безбедност на патиштата, која ќе ги креира, координира, иницира и управува активностите и мерките во областа на безбедноста на патиштата. Очекуваме телото да биде формирано до крајот на оваа година и на овој начин се приклучуваме на иницијативата на Европската Унија за намалување на бројот на несреќи на патиштата. Исто така, очекуваме до крајот на 2024 година целосно да го имплементираме ИТС-системот на Коридорот 10“, изјави министерот Благој Бочварски.

Во рамките на самитот министерот Бочварски оствари билатерална средба со министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија, Момировиќ.

На средбата двајцата министри разговараа за отворањето на заедничката железничка станица, како и потенцијалите на карго-транспортот по должината на Коридорот 10.