Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска отпатува за Женева, Швајцарија, каде ќе учествува на 110-тата Меѓународна конференција на трудот, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чијашто членка е и Република Северна Македонија.
Секоја година во јуни, оваа конференција ги собира трипартитните делегации од 187 земји – членки на Организацијата. Делегацијата на Република Северна Македонија, ја предводи министерката Тренчевска и согласно правилата на МОТ, делегацијата е составена од два делегати на Владата и по еден претставник од репрезентативниот синдикат на национално ниво и претставник на репрезентативното здружение на работодавачи на национално ниво. Годинава, тоа се претставникот од Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, кои се и членови на Економско – социјалниот совет. Делегацијата на Република Северна Македонија на оваа конференција, учествува на втората, пленарна недела на конференцијата.
Покрај обраќањето на министерката на Меѓународната конференција на трудот, планирани се и средби со претставници на делегации од други земји членки на Меѓународната организација на трудот.