23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Забрчанец: Земјава постојано е изложена на дезинформации

Сè почести се заклучоците дека Русија ја изгуби пропагандната војна во случајот со Украина. Северна Македонија како земја во демократски развој и најнова членка на НАТО беше и сè уште е силно изложена на манипулативни наративи кои имаат цел намерно да го доведуваат населението во заблуда дека западните и демократските политики и системи не се соодветни за ова поднебје и со тоа да штетат врз безбедноста и сигурноста на граѓаните

Ова, меѓу другото, го вели Марјан Забрчанец, национален координатор на Владата на Северна Македонија за Отворен Балкан и регионални иницијативи во интервју за Порталб.мк, кој е специјалист по односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање, со разновидно 20-годишно професионално искуство во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор.

– Дезинформациите се глобална појава која во најголем број од случаите има за цел да им штети и да ги дестабилизира демократиите во светот. Северна Македонија како земја во демократски развој и најнова членка на НАТО беше и сè уште е силно изложена на манипулативни наративи кои имаат цел намерно да го доведуваат населението во заблуда дека западните и демократските политики и системи не се соодветни за ова поднебје и со тоа да штетат врз безбедноста и сигурноста на граѓаните. Медиумите може да бидат и пренесувачи и креатори на дезинформации. Оние кои се креатори на невистинити вести се најчесто портали на кои не им се знае до крај сопственоста и уредништвото и истите треба да ги квалификуваме како пара-медиуми или фејк-медиуми и јавно да ги покажуваме како такви бидејќи тие ја уриваат смислата на своето постоење и на одговорноста кон јавниот интерес, вели во интервјуто Маркан Забрчанец.

Забрчанец вели дека како држава постојано сме изложени на дезинформации на овие теми бидејќи евроинтеграциите и членството во НАТО се особено актуелни последниве години.

– И македонско-бугарските односи се затруени со дезинформации кои доаѓаат од надвор, но и од внатре. Станува збор за декадентни, националистички, опасни и скриени центри на моќ и пропаганда кои имаат против отвореноста на општествата, против толеранцијата меѓу луѓето, против паѓањето на бариерите меѓу државите на Балканот, против мир, против стабилност. Тоа се оние центри кои се за агресија, за надмоќ на една нација врз друга, за дискриминација, за газење врз достоинството на луѓето, смета Забрчанец.