23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Трајаноски: Воената неутралност веќе не е никаква безбедносна гаранција за Шведска и Финска, затоа го бараат НАТО

Во анализата за Независен весник, “Слонот, глушецот и митовите за „неутралноста“ на Македонија”, Жарко Трајаноски ги разобличува митовите дека Македонија треба да биде неутрална, кои по руската воена агресија во Украина се шират како печурки по дожд, особено на социјалните мрежи.

Трајаноски укажува дека се помалку земји се неутрални во врска со руската инвазија врз Украина: “Некои коментатори убедуваат дека Македонија треба да биде неутрална во однос на руската агресија на Украина, исто како што била Србија. Но, истите како да забораваат дека самата Србија покажа на дело дека не е политички неутрална во врска со штетните дејанија на рускиот слон во Украина. Србија не само што гласаше за Резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина, туку гласаше и за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН.”

“Зошто Шведска и Финска веќе не се неутрални земји, туку побараа да станат членки на НАТО?” – прашува Трајаноски, и одговара: “Затоа што нивната воената неутралност веќе не е никаква безбедносна гаранција, ниту пак нуди некаква заштита, кога си соочен со заканата од агресивниот руски слон.” Според Трајаноски, “најавите на Зеленски, дека е подготвен да преговара за неутрална Украина со безбедносни гаранции, не доведоа до договор и прекин на руската инвазија затоа што империјалистот Путин очигледно не сака ниту неутрална, ниту демилитаризирана, туку распадната Украина”.

Трајаноски укажува дека дури и традиционално неутралната Швајцарија (која има најстара политика на воена неутралност), воведе санкции против Русија по руската инвазија во Украина заради сериозните прекршувања на меѓународното право: “По санкциите и замрзнувањето на дел од банкарските сметки на руски олигарси, Русија ја смести и неутралната Швајцарија на листата на непријателски земји. Швајцарија, пак, ја засили воената соработка со НАТО, која е поддржана од мнозинството Швајцарци, како и санкциите кон Русија. Економски санкции на Русија воведоа и неутралните Австрија и Ирска, чиј министер за надворешни работи ја осуди „екстремната бруталност” на руската инвазија”.