„ВМРО-ДПМНЕ веќе две години блокира низа закони во Собранието. Со активниот бојкот тие не ја блокираат и бојкотираат Владата, туку се блокираат и бојкотираат граѓаните, компаниите и сите кои би имале интерес од предлложените законски решенија“ рече премиерот Димитар Ковачевски во вестите на Сител ТВ.
Тој додаде дека Парламентот не е супермаркет, па ВМРО-ДПМНЕ да прави листи кои закони би ги поддржале, а кои би ги блокирале, бидејќи сите закони во себе содржат правна регулатива која ги унапредува процесите во државата.
„Дел од законите се по две години блокирани во Собранието – Законот за служба во армијата, Законот за наставниците, органскиот Закон за буџетот, кој не е политичко решение, туку го унапредува работењето на фискалната политика со нов софистициран систем подготвен од експерти од Светска банка и ММФ“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека опозицијата може и треба да предлага свои и подобри решенија, но не да блокира закони.
„Сосема е во ред некој закон низ парламентарна расправа да се унапредува. Јас секогаш сум заговарал во Собранието да се организираат и јавни расправи, каде освен пратениците и експертксата јавност ќе дава свој придонес“ рече Ковачевски.