Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес учествува на регионалниот настан во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат, на која потенцира дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите што се темел на Унијата.
„Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира“, рече вицепремиерот на регионалната иницијатива, чиj домаќин е францускиот Сенат.
Маричиќ пред присутните истакна дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.
„Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија“, посочи вицепремиерот.
Според него, тоа не е во интерес на проевропските влади, туку е во полза на оние што, како што рече, го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна и истакна дека одолжувањето на одлуките не дале ништо позитивно.
„Верувам дека Европа ќе ја покаже својата најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен“, истакна вицепремиерот.