23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ: Наместо да блокира, ВМРО-ДПМНЕ нека ги продаде теписоните и лустерите од Белиот дворец за да ги врати парите кај граѓаните

ВМРО-ДМПНЕ да ги продаде теписоните од 20.000 евра и лустерите од Белиот дворец и да ги врати парите кај граѓаните, порача владејачкиот СДСМ.

Од партијата коментираат дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам најавуваат засилени блокади во време на најголема светска, економска криза, кога има постојан раст на цените на енергенсите, на цените на храната и во услови кога политичарите од цела Европа се обединуваат околу наоѓање начини за заштита на животниот стандард и обезбедување доволно енергенси за претстојната зима.

„Преку судските процеси јавноста виде како ВМРО-ДПМНЕ трошела стотици илјадници евра на скап мебел и опрема за опремување на Белиот дворец. Ако сака ВМРО-ДПМНЕ да направи било што конструктивно, нешто од интерес на граѓаните, наместо да повикува на некаква радикализација и блокади нека да ги продаде теписите од 20.000 евра, луксузните лустери и маси во Белиот дворец и парите нека ги пренасочи кон граѓаните“, велат од СДСМ.

Како што се додава во соопштението, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои се противат на тоа парите да завршуваат кај граѓаните и водат грижа само за личните и партиските интереси, СДСМ води политика за враќање на парите кај граѓаните, повисоки плати и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

Владејачката партија тврди дека обидите за блокади на ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат.