На предлог на заменик -претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска Владата на Република Северна Македонија ги задолжи сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во процесот на јавните набавки и сите податоци да ги објавуваат на своите веб-страници.
Согласно Информацијата за унапредување на транспарентноста и отчетноста за буџетските корисници преку објавување на основните информации за јавните набавки на интернет страниците на институциите што беше усвоена на вчерашната 40-та седница, сите буџетски корисници и единки корисници, се должни во рок од 30 дена да креираат посебен дел (таб) на своите веб-страници насловен „јавни набавки“ и редовно да ги објавуваат следните информации и документи:
– Годишен план за јавни набавки,
– Огласи за јавни набавки (линк од објавата на ЕСЈН),
– Известувања за склучени договори (линк од објавата на ЕСЈН),
– Склучени договори и
– Известувања за реализирани договори (линк од објавата на ЕСЈН).
Истовремено, Владата им укажува и на јавните претпријатија основани од државата и на акционерските друштва во државна сопственост, и им препорачува и на општините, како и на јавните претпријатија во општините и градот Скопје да го следат примерот за поголема транспарентност при спроведувањето на јавните набавки.
На овој начин, образложи вицепремиерката Грковска, јавноста ќе има брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за начинот на којшто институциите ги трошат буџетските средства преку јавните набавки.
Брзата, лесна, едноставна и разбирлива достапност на овие информации за граѓаните ќе ја зголеми отчетноста на институциите и нивната одговорност во јавните трошења, а на граѓаните ќе им овозможи увид како и за што се трошат нивните пари.