23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Да останеме заедно и да направиме многу повеќе за демократијата!

Да останеме заедно! Да направиме многу повеќе за демократијата! Ајде да свртиме друга страница. Доаѓаат нови почетоци за нашите граѓани, за нашите држави, за регионот, за Европа, порача меѓу останатото поранешниот премиер Зоран Заев, во синоќешното обраќање на третиот Конгрес на СИЗИРА.

Тој нагласи дека идеите на левицата „мора да се промовираат, гласно да се зборуваат и да се артикулираат“. Истакна дека има многу земји како Грција и Северна Македонија кои го покажаа спротивното во однос на „тезата дека Европа е или ќе биде предводена од екстремната десница”.

Заев посочи и дека договорот со Грција испрати силен сигнал во светот, како и дека е воспоставен политички однос, кој се издигна кон соработка и кулминираше со пријателство

-Со Алексис работевме за мир и успеавме да го решиме конфликтот чии темели беа длабоко во историјата. Овој успех има влијание многу подалеку од регионот. Нашиот мировен договор испрати силен сигнал до светот. Не може да постои само принцип на посилниот. Во денешниот свет сè уште постои патот на почитта и компромисот, патот на меѓусебното разбирање, патот на мирот и стабилноста. Нашите политички визии ги насочивме кон една заедничка цел. Воспоставивме политички однос, кој се издигна кон соработка и кулминираше со пријателство. И двајцата го ставивме ова пријателство во темелите на новата долготрајна врска меѓу нашите земји, рече Заев.

Со Ципрас, посочи, одбрале да направат сè што можат за да најдат „решение без одложување“. Порача дека предизвиците се и шанса за решенија и „тоа е начинот на кој работат пријателите, фокусирани на решенија, на градење мостови, а не ѕидови“.

Ја спомена и руската инвазија во Украина и порача дека единственото решение е мирот, како и „итен дијалог наместо насилство“. Изрази поддршка за независноста и територијалниот интегритет на Украина, како и „сочувство со украинското раководство и со семејствата на жртвите“.