24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Агенцијата за вработување првпат годинава воведува квота за опфатеност на Роми

Директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, заедно со претставници на Владата, Собранието и Ромски невладини организации денес учествуваше на тематска дискусија во Владата организирана по повод Светскиот ден на Ромите.

Тој потенцираше дека со цел зголемување на можноста на Ромите за интеграција на пазарот на трудот во Оперативниот план за прв пат оваа година ќе се настојува да се постигне зголемување на опфатот на Роми во активните мерки за вработување и услуги со воведување на квота од 5% за опфатеност на Роми.

Мурати како позитивен пример го посочи учеството на Ромите во минатогодишниот Оперативен план.

„Ромите покажаа интерес за учество во Оперативниот план за минатата година, па така 37 граѓани од ромска националност преку програмата Самовработување – Претприемништво добија финансиска поддршка од 5 илјади евра и основаа сопствен бизнис. Ромите исто така беа застапени во мерките каде тие се целна категорија и кои водат до директно вработување како субвенционирање на плати и вработување и раст на правни субјекти преку кои се вработија 123 припадници на оваа заедница“, нагласи Мурати.

Во 2021 година 9.706 Роми биле вклучени во услугите за помош при барање работа, мотивациски обуки, Подготовка за вработување и работа, професионална ориентација и кариерно советување, посредување при вработување, советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и услугата, активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување.

„Услугата активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување е од исклучително значење за ромската задница бидејќи преку неа невработените лица имаат пристап до тимот на ментори, кои се ангажирани во локалните заедници.
Нивната улога е да ги мотивираат и редовно да ги информираат за можностите за вработувања или за подобрување на професионалните капацитети“, рече Мурати.