25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Инспекторите не утврдиле неправилности кај Заводот за рехабилитација за деца во Топанско поле

Инспекцискиот надзор констатирал дека нема неправилности во постапувањето и работењето на ЈУ Заводот за рехабилитација за деца и младинци во Топанско поле, Скопје, информираа од Министерството за труд и социјална политика.

По објавените содржини на социјалните медиуми од страна на вработена во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци- Скопје, а кои се однесуваат на неправилности во работењето на установата, како и несоодветна грижа за корисниците на социјални услуги, инспектори од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на децата при Министерство за труд и социјална политика веднаш извршиле вонреден инспекциски надзор во институцијата.

По извршените разговори со директорот и вработените во Заводот, направен е и увид во просториите кои што ги користат корисниците во установата.

Од страна на инспекторите е установено дека, согласно фактичката состојба на терен, сите простории се користат, корисниците имаат пристап до истите и слободно се движат како во институцијата, така и во дворот и притоа, се во присуство на вработени во установата.

„Констатирано е и дека просториите во кои се корисниците се уредни, чисти и со опрема во согласност со нивните потреби. Во близина на секоја просторија која што ја користат корисниците има тоалети кои се отворени и кои се на нивно располагање. Согласно, инспекцискиот надзор во однос на наводите изнесени од страна на вработената во установата кои се однесуваат на просториите и условите во кои што се корисниците не се констатирани неправилности во постапувањето“, велат од МТСП.

Оттука испратија фотографии за состојбата што инспекторите ја затекнале на ЈУ Заводот за рехабилитација на деца и младинци.