„Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за тематска седница за Желзници и Пошта, на која ќе се отворат сите дилеми и ќе се разгледа можноста за покачување на платите. Владата побара од нас податоци и извештаи, кои ние ги доставивме“ рече директорот на АД Пошта, Јани Макрадули во „24 анализа“ на ТВ24.
Тој додаде дека Пошта ги следи предлозите и барањата на вработените со цел подобрување на услугите и кажа дека се забележува раст на приходите по прифаќање на таквите предлози.
„На предлог на вработените беа воведени нови услуги и имаме раст на приохдите, бидејќи го слушаме гласот на вработените. Ние имаме доволно средства за да ги покачиме платите на ниво на минималната, но плус 12 милиони денари месечно за покачување на сите плати не може да оствариме приходи во моментов, затоа бараме од Владата како единствен акционер“ рече Макрадули.
Тој додаде дека со синдикатите и вработените во Пошта во моментов се разговара за нов колективен договор, а формирана е и комисија за систематизација, која треба да го реши проблемот со 240те различни работни позиции.