23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски од Берлин: Ги спроведуваме реформите и усогласувањата на земјоделските политики со ЕУ

На покана на германскиот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски учествуваше на министерската конференција во Берлин која е во рамките на Берлинскиот процес и Дијалогот за земјоделска политика меѓу Германија и Западен Балкан.

Во своето обраќање на конференцијата, министерот Николовски посочи дека Северна Македонија континуирано и посветено работи на спроведувањето на реформите и усогласување на земјоделските политиките со Европската Унија. На конференцијата министрите од Западен Балкан и претставниците од меѓународните организации дискутираа како заеднички да се надмине овој период на глобална економска криза и моменталниот геополитички контекст, потенцирајќи дека заеднички ќе работата на имплементација на 5-те столба утврдени во Зелената агенда за Западен Балкан.

„Република Северна Македонија активно учествува и придонесува во градењето на меѓусебната доверба и во развојот на добрососедската и регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и нивната интеграција во Европската Унија. Земјоделството е важен сектор во Северна Македонија и трет по големина по услугите и индустријата. Придонесува со околу 15 отсто во БДП вклучувајќи ја и преработувачката индустрија и околу 20 отсто во вработеноста. Германскиот министер Џем Оздемир нè увери дека ЕУ ќе ја даде потребната поддршка за земјите од Западен Балкан. Како држава членка денес инициравме проширување на функциите на работната група со цел организацијата да ја преземе улогата на регионален спроведувач на политиките и да ја преземе клучната улога во проектите кои ќе дадат видливи резултати и придобивки и за земјоделците и за руралните бизниси – директно и индиректно“, изјави министерот Николовски.

Министерот потенцираше дека Северна Македонија навреме презема мерки за намалување на негативните последици од економската криза врз земјоделството. На иницијатива на министерството, а со цел да се намалат последиците од новите нарушувања на меѓународниот пазар на земјоделски производи, е подготвен „Национален план за производство на храна“ кои содржи сет мерки за поддршка на производството на храна преку зголемена финансиска поддршка на полједелските култури за пролетна и есенска сеидба, програма за распределба на земјоделско земјиште за производство на житни култури, интервентен фонд, како и дополнителни мерки преку донесување Стратегија за производство на храна и стратешки култури во 2022 година. Овој нов сет мерки за финансиска поддршка во земјоделството ќе придонесе за ублажување на последиците предизвикани од зголемените трошоци на растително производство, употреба на ѓубрива и други трошоци за земјоделско производство.

Дополнително на конференцијата, министерот Николовски посочи дека министерството води долгорочна политика за поддршка на земјоделството и руралниот развој во Северна Македонија, преку национални субвенции и преку проекти поддржани од ЕУ, ФАО, Светска банка и други меѓународни организации и билатерални партнери, како и многу проекти преку ИПА/ИПАРД програмите во земјоделскиот сектор со средствата од ЕУ кои се 100% реализирани. Исто така, континуирано се приближува националното законодавство од областа на земјоделството кон законодавството на ЕУ.

На министерската конференција учествуваа сите министри од регионот, претседавач беше германскиот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир а копретседавач беше генерален секретар на Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (SWG) Бобан Илиќ.

Министерот Николовски во рамки на министерската конференција го посети и меѓународниот саем посветен на свежи производи „FRUIT LOGISTICA“.