Сведоци сме дека голем дел од македонската јавност нема јасна претстава што се случува во Украина. Се чини дека големиот број цивилни жртви на украинскиот народ и огромните материјални разорувања не се доволни да се сфати сета жестокост на руската агресија. За мене е несфатливо да тие што го оправдуваат „правото на посилниот“, остро се спротивставуваат на примената на тој принцип кога во прашање е нашата земја,вели во разговор за порталот „Локално“, поранешениот амбасадор и претседател на Дипломатскиот клуб, Огнен Малески.
Според него, протерувањето на руските дипломати од земјава може да фрли дополнителна сенка на билатералните односи, објаснувајќи дека потегот е неизбежен во вакви ситуации бидејќи е применуван од страна на многу земји.
– Причините за ваквиот чекор на македонската страна е јасно наведена во (вообичаено за вакви случаи) кусото соопштение на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија: согласно информациите добиени од надлежните органи, посочените пет руски дипломати извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена. Таквиот потег никогаш не е посакуван и секако може да фрли дополнителна сенка на билатералните односи, но е неизбежен во вакви ситуации и применуван од страна на многу земји, вклучувајќи ја и Руската Федерација. Притоа треба да се има предвид и актуелната меѓународна ситуација предизвикана од агресијата на Руската Федерација на Украина, која без сомнение ја прави целата работа многу почуствителна. Оттаму, спротивно на тврдењето на г-ѓа Захариева, сметам дека потегот е целосно во функцијата на заштита на македонските национални интереси. Од друга страна, убеден сум дека протерувањето на петте дипломати нема во многу да го попречи функционирањето на руската Амбасада, со оглед на тоа што во неа и натаму ќе работат дузина дипломати и двајца воени аташеа, вели Малески за Локално.