„Ние ќе продолжиме со спроведувањето на сериозни процеси и позитивни политики. Реформите не се наш приоритет само заради исполнување на нашата стратешка цел – интеграција во Европската Унија, напротив, реформите ги спроведуваме пред се за нашите граѓани кои заслужуваат да живеат во европско и модерно општество“ изјави вицепремиерот за европски прашња, Бојан Маричиќ на прес-конференцијата по средбата со сојузната министерка за ЕУ на Австрија, Каролине Едштадлер.
Тој додаде дека во изминативе пет години направено е многу за да се врати земјата на европскиот пат, што е потврдено од извештаите на Европската комисија, која на неколку наврати дава препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите.
„Дијалогот со Бугарија и меѓусоседските односи кои се во една поамбициозна фаза на соработка, а од која очекуваме забрзување на можноста за стекнување услови за одржување на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот исто така изјави дека Австрија е меѓу нашите најважни партнери, што се покажа на почетокот на пандемијата кога токму Австрија помогна за снабдувањето со првите количини на вакцините, но и за време на мигрантската криза.