Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари средба со Матео Мекачи, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата беше истакната соработката меѓу ОДИХР и нашите релевантни институции од осамостојувањето до денес. Станува збор за континуиран, активен дијалог и продуктивни односи во рамките на серија важни политики поврзани со реформата на изборниот систем, создавање на предуслови за фер и слободни избори, толеранција и недискриминација, родова еднаквост, итн.
“Поддршката и соработката со ОДИХР во делот на политиките поврзани со реформската агенда се од големо значење за натамошното унапредување на демократските процеси и промоција на човековите права во нашата држава. Видливиот исчекор на овој план неминовно означува напредок, како и дополнителна аргументација на патот на нашите надворешно-политички приоритети, пред се, членството во ЕУ. Остварувањето на заложбите и принципите на ОБСЕ/ОДИХР се всушност наш конкретен придонес кон агендата на Организацијата со која ќе претседаваме во 2023 година и конкретно постигнување на планот на натамошниот развој на демократското милје во земјата”, истакна Османи.
Во контекст на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, беа разменети мислења за можностите , но и за предизвиците имајќи ја предвид ситуацијата во Украина и сложениот геополитички момент во регионот на ОБСЕ.