22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАSHOWBIZ

Реакции по видеопораката од Шварценегер

Видеообраќање на холивудскиот актер Арнолд Шварценегер до рускиот народ се појави на рускиот Твитер во петокот и предизвика реакции.

Во видео објавено на социјалните мрежи легендата на акционите филмови, роден во Австрија, ги предупредува Русите дека ги хранат со дезинформации за нападот на нивната земја врз Украина.

„Како долгогодишен пријател на рускиот народ се надевам дека ќе слушнете што имам да кажам. Борбата за погрешната страна може да има трајни последици“, вели тој, посочувајќи го примерот на својот татко, Густав Шварценегер, за кој рече дека морал да живее со срам и вина што се борел за нацистите во Втората светска војна. „Секој куршум што ќе го истрелате, пукате во ваши браќа или сестри. Секоја бомба или секоја граната што паѓа не паѓа врз непријател, туку врз училиште, болница или дом“.

Обраќајќи му се директно на рускиот претседател Владимир Путин, тој вели: „Вие ја започнавте оваа војна и вие можете да ја запрете“.

Неговиот потег наиде на пофалби од Русите кои се против војната во Украина.

Во објава на апликацијата „Телеграм“, опозицискиот политичар Лев Шлозберг пишува: „Видеопораката е снимена со почит кон нас, рускиот народ“.

„Арнолд Шварценегер има уникатна способност да разговара со секого со убедување, почит и под еднакви услови. Разум, моќ и правда. Слушајте. Размислете. Разберете“, вели Шлозберг.

Исто така на „Телеграм“ се огласи и либералниот новинар Антон Орех, кој смета дека пораката на Шварценегер не содржи ‘русофобија’.

„Ние сме отпадници во светот. Арнолд е еден од ретките луѓе кои им се обраќа на Русите не како диви орди, туку како на добри луѓе кои ги загубија своите патишта“, напиша Орек.