23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Германија најде замена за рускиот гас

Гeрманија се договори со Катар за долгорочно партнерство во снабдувањето со енергија, особено течен гас, објави денеска во Катар германскиот министер за економија, Роберт Хабек.

„Одлична вест е што цврсто се согласивме за намерата за долгорочно партнерство во областа на снабдувањето со енергија“, рече Хабек по средбата со катарскиот емир Хамад ал-Тани во Доха.

Тој додаде дека претставниците на германскиот енергетски сектор, кои го придружуваат на неговото патување во Катар и Обединетите Арапски Емирати, ќе започнат конкретни преговори за склучување долгорочни договори за набавка на течен гас и водород.

Хабек отпатува во Катар за да организира испорака на течен гас (ЛНГ), што заедно со најавената изградба на два терминала за ЛНГ е дел од стратегијата на Германија да ја намали зависноста од гас од Русија.

„Иако сè уште не можеме да ја постигнеме целта за независност од рускиот гас оваа година, пораката е дека тоа ќе се постигне во иднина“, рече Хабек. Тој кажа дека, освен со Катар, за зголемени испораки на течен гас се разговара и со Норвешка и Канада.

Катар е најголемиот светски производител на течен природен гас, кој претежно извезува во Азија. По нападот на Русија врз Украина, Германија најави дека сака да постигне независност од руските енергетски извори. Земјата во моментот покрива повеќе од 50 отсто од потребите за природен гас со увоз од Русија.