23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тасевска: Следува рекордно зголемување на пензиите и финансиска помош за речиси 330.000 пензионери

СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи продолжува со вистинска грижа за пензионерите. Вчера, во Собранието беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со што обезбедуваме одржлив и континуиран раст на пензиите. Со новиот закон пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50 % од порастот на трошоците на живот и 50 % од пораст на просечната плата во државата во согласност со податоците од Државниот завод за статистика, истакна на денешната прес-конференција, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.

Тасевска додаде дека новата методологија ќе почне да се применува од септември оваа година, а усогласувањето ќе се прави како и сега – двапати во годината, во март и септември.

Тоа значи дека веќе од овој септември околу 330.000 пензионери ќе добијат историско највисоко зголемување на пензиите, кои во просек ќе растат приближно по 900 денари.

Покачувањето на пензиите веќе никогаш нема да зависи од политичката волја на владејачките партии, како што тоа беше пред неколку години. Остануваме посветени на мерките и политиките преку кои на дело ја потврдуваме вистинската грижа за сите категории граѓани, изјави Тасевска.