23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИСИЗБОР

„Брако“ го отвори и пазарот во Египет за „Грин Машинс“ возилата

GM955 и GM414 RS на „Грин Машинс“ од Велес се дел од разновидната програма на брендот што за првпат се испорачуваат во Египет.
„По успешното пуштање во употреба на овие машини, очекуваме и нарачки со зголемени количини. Од техничките спецификации на GM955 највпечатлив е неговиот капацитет од 6 кубни метри. Ова возило работи на механички принцип за собирање отпад, комбиниран со вакуум. Максимално е ефикасен за градска средина, аеродроми и индустриски зони. GM955 го обединува најдоброто, затоа што механичкиот дел од системот овозможува собирање на отпад од секаков вид и најразлични димензии“, велат од компанијата.

„Грин машинс“, бренд кој што од 2019 година, е сопственост на велешки „Брако“, се вбројува во светските лидери во индустријата за производство на опрема за надворешно одржување на хигиена. Компанијата континуирано поставува нови стандарди во производството на возила за чистење преку иновативни решенија со фокус на заштита на животната средина.

„Грин Машинс“ први во светот го произведоа возилото за чистење на хидрогенски погон, серијата 400 ја збогатија со целосно електрично возило со иновативниот систем за рециркулација на воздухот, први, копчињата ги заменија со панел на допир и единствено тие ја нудат можноста сите постојни „Грин машинс“ електрични возила, да можат да се постават на хидрогенски погон.

Во моментов инженерскиот тим од Развој на „Грин Машинс“ работи на нови прототипи за возила со имплементирање на нови решенија создавајќи единствени перформанси на овие технолошки најсовремени возила.

Минатиот месец од фабриката во Велес беа испорачани „Грин Машинс“ возила за Франција. Овие машини произведени во Македонија веќе се користат за одржување на хигиената во градови низ САД, Велика Британија, Холандија, Белгија, Тајланд, Австралија и други држави низ светот.