26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Ковачевски – Руте: Првата меѓувладина конференција со ЕУ ќе има позитивен импакт за целиот регион

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со премиерот на Холандија, Марк Руте, кој му го честита изборот за премиер и му посака успешно остварување на владината програма, информираат од Владата.

Ковачевски му се заблагодарил за посетата на холандскиот премиер во ноември минатата година и истакнал дека таа посета дополнително ја интензивира соработката меѓу Република Северна Македонија и Холандија, која е најголем билатерален донатор на нашата земја, соопштија владините прес-служби.

Посебна благодарност Ковачевски изразил за силната и континуирана поддршка на Холандија и на премиерот Руте лично во аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија.

Премиерот Ковачевски го информирал својот колега Руте дека Северна Македонија продолжува со имплементацијата на европските стандарди во реформските процеси и за новата динамика во дијалогот и отворената комуникација со премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков.

„За време на телефонскиот разговор, двајцата соговорници се согласија дека дијалогот Скопје – Софија ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и дека тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, од што се очекува позитивен импакт и за целиот регион на Западен Балкан“, е нагласено во соопштението.

Ковачевски информирал и за актуелните политички процеси дома, особено во делот на справувањето со светската енергетска криза, и за поддршката на Владата за ублажување на последиците од неа за граѓаните.

На крајот од разговорот холандскиот премиерот Марк Руте го поканил претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во прва пригода да ја посети Холандија.