23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Дебата: Дигитална трансформација кон е-општини – само со добри јавни услуги може да се врати довербата во институциите

Дигитализацијата на општините е комплексен процес, но е неминовен и потребно е во него да се вклучат сите чинители, од креаторите на политики, граѓанскиот сектор, бизнис и академската заедница и граѓаните за тој да се забрза. Целта на дигитализацијата е поефикасни општини кои ќе бидат вистински сервис и во служба на граѓаните, како и поголема транспарентност која ќе придонесе да се врати довербата во институциите. Ова е заклучокот од денешната панел дискусија: „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“, што се одржа во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, а во соработка со Министерството за локална самоуправа.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, најави дека Министерството за локална самоуправа планира процесот на дигитализација на општините во државава да се одвива на три нивоа имајќи го предвид  различниот степен на нивната развиеност.  Според министерот неопходно е овој процес да се унифицира и тој ќе биде реализиран заедно со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) како надлежно за дигитализацијата.

„Министерството за локална самоуправа со УНДП во моментов ја скенира секоја општина за да утврди до кое ниво е стигната со дигитализација. Сакаме да утврдиме каде се проблемите и предизвиците, како и да креираме една национална платформа по која ќе се водат сите општини, а ќе го унифицира и олесни патот кон дигитална трансформација за сите“, рече министерот Милевски.

Посакувајќи успешен настан, министерот за е-Влада и дигитализација на Република Бугарија Божидар Божанов во своето видео обраќање изрази надеж дека ќе има многу различни можности за континуирана размена на мислења, идеи и пракси на тема дигитализација помеѓу двете земји.

„Општините се во центарот на искуството на граѓаните во комуникацијата со јавните институции и тоа е главната причина поради која е потребно да вложуваме големи напори во нивно стандардизирање и дигитализирање. Она со кое треба да се започне е унифицирањето на е-идентитетот, што е главна компонента за создавање на е-Влада, вклучително и за дигитална трансформација кон е-општини“, посочи министерот Божанов.

Градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов нагласи дека ова е процес во кој треба да бидат вклучени сите чинители, но најважна е политичката волја за спроведување на процесите поврзани со дигитализацијата.

„Сè зависи од нас како креатори на политиките. Дигитализацијата е неминовна иднина која носи промени. Но, ако сите заедно бидеме двигатели на промените, само така ќе успееме. Нам ни требаат позитивни примери со кои ќе покажеме дека дигитализацијата и комуникацијата со граѓаните функционира и практично се спроведува. Институциите постојат за да нудат услуги на граѓаните а тие услуги мора да бидат ефикасни“, рече Костадинов и додаде дека “со дигитализацијата се намалува нивото на корупција која доведува во намалена доверба во институциите“.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ потенцираше дека тие максимално работат на дигитализација на општините, односно на дигитализација на услугите кон граѓаните.

„Ние имаме три главни сервиси коишто ги одржува ЗЕЛС, а корисници се сите општини. Се работи за системот за одобрение за градба, кој го имаме од 2013 година и со кој станавме прва земја во ЕУ и втора во светот што има таква услуга. Вториот е е-градежно земјиште – целото управување со градежното земјиште општините го вршат на електронски начин, и третиот е е-ствари, изјави Перишиќ.

Пратеничката во Собранието, Моника Зајкова ја посочи улогата која законодавниот дом може да ја одигра во рамките на создавање на успешна дигитална трансформација на земјава. Таа посебно се осврна на отвореноста за поддршка на целиот процес, како и потребата од отворање на темите, водење дебата и секако вклучување на младите во овие процеси.

„Не ни е потребно стоење пред шалтери за работа која можеме буквално со два клика да ја завршиме. Истовремено, како законодавна власт мора да им пристапиме на младите кои според сите истражувања и праксата се општествено апатични и да ги вклучиме во овие процеси. Особено во дигитализацијата, која ним им е многу блиска. Веќе покренавме акција за посета на секоја општина, средба со градоначалниците, каде ќе разговараме за причините зошто не се секаде формирани младинските совети. Важно е младите да иницираат прашања и да даваат конкретни предлози до советите во општините. Наша обврска е да најдеме механизам да ги направиме поактивни и позаинтересирани што е и дел од враќање на довербата во институциите“, нагласи пратеничката Зајкова.

Мартин Коте – регионален директор за Источна и Југоисточна Европа, Фондација „Фридрих Науман“ го поздрави тоа што во дебатата се вклучија македонскиот министер за локална самоуправа Милевски и Божидар Божанов – Министер за е-Влада и дигитализација на Република Бугарија и нагласи дека е клучно претставниците на двете држави заедно да работат на нешта што се важни за иднината на двете нации и да креираат иднина во интерес на народот

„Целта на овие процеси на дигитализација кои ги поддржуваме е едноставна. Подобра администрација е добра за бизнисот и луѓето, а користењето на дигитални услуги е начин како политиката може да помогне да се подобри животот на луѓето,“ посочи Коте.

Зборувајќи за прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини”, комуникологот и еден од коавторите, Бојан Кордалов рече дека дигиталната трансформација не е само поим, туку е предност за граѓаните, компаниите, организациите, пред се заштеда на време, пари и можности.

„Наместо да разговараме за тоа која партија ќе биде побројна во општините или во владата мислам дека треба да дејствуваме според потребите и барањата на граѓаните во самата локална самоуправа. Ако така ги поставиме работите, приоритетите се да не се чека на шалтери, да нема гужва, приоритет е да се заштедат пари и време, едноставно услугите да бидат многу подостапни за секој граѓанин и граѓанка, изјави Кордалов, додавајќи дека само со добри јавни услуги и само со добри сервиси што ги нудат општините може да се врати довербата во институциите.

„Ако ја промениме политиката наместо на која сме навикнати за барање на виновници во нова пракса на барање решенија и излез, ќе имаме повеќе конкретни резултати,“ посочи Кордалов.

Ко-авторот на прирачникот Тоше Зафиров нагласи дека во процесот на дигитализација во голема мера може да придонесат и бизнис и академската заедница, како и граѓанскиот сектор. Тој потенцираше дека колку повеќе се креира простор за учество на граѓаните на локално ниво, а истовремено општините се иновативни, креативни и употребуваат дигитални алатки, толку повеќе ќе се олесни начинот на кој се креираат политиките на локално ниво и ќе станат поинклузивни.

„Дигитализацијата е неминовен процес, чекорите се јасни. Генерално треба да застанеме да зборуваме за приоритети и да почнеме да работиме и на централно и на локално ниво затоа што технологијата нема да чека. Дигитализацијата развива една култура на достапност на институциите која ќе придонесе кон подобри демократски пракси и конечно кон поефикасни форми на директна демократија на локално ниво. Довербата во институциите во континуитет е на стабилно ниско ниво и ова може да го промениме само заедно преку испорачување на конкретни резултати.“ нагласи Зафиров.

Во сумирањето на заклучоците, Ивајло Цонев, проектен координатор на Фондација „Фридрих Науман“ заклучи дека од оваа дебата и досегашните анализи се гледа дека има потенцијал за спроведување на дигитализацијата, постои голема експертска заложба и веќе развиени технолошки решенија, но она што до сега недостасувало е политичка волја.

„Три клучни елементи се важни за спроведување на дигитализацијата. Силна општествена поддршка на сите нивоа на власт, експертска поддршка, но најбитни се политичката волја, ангажман и мотивација кај политичарите и јавните функционери преку дигитална трансформација да ја направат државата поефикасна и потранспарентна. Она што е позитивно е дека денес согледуваме дека ваква волја постои и со брзо темпо може да се развива процесот на дигитална трансформација и да напредне за да се надомести пропуштеното време“, нагласи Цонев во дел од своите заклучни согледувања на настанот „Дигитална трансформација кон е-општини“.

На панел дискусиите учествуваа и Милан Танчески, извршен директор на „БЛИНК 42-21“, Мила Јосифовска – Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата „Метаморфозис“ и Лазо Петрушевски од ИТ секторот на град Скопје кои побараа поголема вклученост на младите во овие процеси, а споделија и позитивни примери од примена на дигитални алатки во пракса, како и конкретни преземени активности и заложби на ова поле од страна на Градот Скопје..

Ова активност е прва од серијата на јавни настани преку кои организаторите ќе се обидат да охрабрат спроведување на онлајн платформи, апликации и други алатки во работата на ЕЛС со цел воведување на брзи, неселективни и широко распространети дигитални можности за граѓаните и правните лица.